Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН објавува јавен повик за ангажирање на локални активисти за спроведување на пилот мониторинг-акција во областа на управувањето со водите, со фокус на Вардарскиот речен слив. Повикот е дел од проектот „Граѓански мониторинг за одговорно управување со водите“, кој се реализира во рамки на под-грантовата шема на проектот „Добро владеење во животната средина на Зелена Агенда за Западен Балкан“, имплементиран од Центарот за правни истражувања и анализи, Македонското здружение на млади правници и Фронт 21/42, а финансиски поддржан од Европската Унија.
Зошто оваа акција?
Управувањето со водите и натаму се соочува со сериозни предизвици – загадување на водотеци, недоволна транспарентност на податоци, ограничен инспекциски надзор и слаба координација меѓу чинителите на локално ниво. Пилот мониторинг-акцијата има за цел да обезбеди структурирани теренски податоци и да придонесе кон идентификација на критични точки што влијаат врз состојбата на реката Вардар, како основа за понатамошно застапување и институционална реакција.
Цел и очекувани резултати
Целта на повикот е избор и ангажман на вкупно 5 локални активисти кои ќе спроведат теренски мониторинг во своите подрачја, ќе документираат состојби и ќе идентификуваат „критични точки“ поврзани со загадување и деградација на водните ресурси. Преку координирана работа и примена на методологии за граѓански мониторинг (вклучително и елементи од SVAP пристапот), избраните активисти ќе придонесат кон подготовка на заеднички наоди и препораки и кон изработка на Policy Brief, кој ќе биде презентиран на јавен настан/дебата со локални и национални чинители (финансиски поддржан од проектот).
Кому му е наменет повикот?
Повикот е наменет за локални активисти, претставници на граѓански организации и неформални иницијативи, еко-движења и други мотивирани граѓани кои делуваат или имаат интерес да придонесат за подобро управување со водите. Охрабруваме пријавување на лица кои живеат и/или активно работат во заедници во рамки на Вардарскиот речен слив.
Кој може да аплицира?
Право на пријавување имаат полнолетни лица од Република Северна Македонија кои:
- имаат интерес за теми поврзани со вода/животна средина/локален развој;
- се подготвени за теренска работа, тимска координација и следење на методологија;
- можат да учествуваат во активности во предвидениот рок;
- поседуваат основни дигитални вештини (фото/GPS/пополнување формулар).
Минимални услови за учество
Кандидатите треба да ги исполнуваат следниве минимални услови: полнолетство; активна поврзаност со заедница во Вардарскиот речен слив; докажан интерес за темата; можност за теренски ангажман и почитување на рокови; подготвеност за координација со проектниот тим и за учество во јавна презентација на резултатите. Предност може да имаат кандидати кои учествувале на претходната обука за мониторинг и застапување и/или имаат локално познавање на проблематични точки.
Како да се пријавите?
За аплицирање, потребно е да се пополни Образецот за пријавување и да се достави согласно насоките од повикот.
- Краен рок за пријавување: 09.03.2026
- Пријавите се испраќаат на: This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it. ; This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it.




