Во рамките на проектот “GREEN COMPLAINT FOR ENVIRONMENTAL JUSTICE” (Зелена претставка за еколошка правда) на 3-ти и 4-ти Октомври, во хотел Гарденија – Велес, се одржа дво-дневна работилница насловена како “Effective Practice of Environmental Justice” (Ефективна практика на еколошка правда). На настанот, свои работилници и презентации имаше меѓународниот експерт на ЕУ за еколошко право, др. Чаба Киш, кој доаѓа од Здружението за управување со животната средина и право (EMLA) од Унгарија. Учесници на обуката беа околу педесет (50) претставници на граѓанските организации кои работат во областа на еколошка правда, бранителите на човековите права во рамките на животната средина, вработените во канцелариите на Народниот Правобранител, претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за правда, државниот инспекторат за животна средина, претставници на ЈО, основните судови од Штип, Гостивар, Тетово, Куманово, Струга и Скопје, како и претставници на Академијата за судии.
Работилницата имаше придонес и од домашни експерти од областа, со презентациите на Александра Каракашова- Сачкарска од Милеуконтакт Македонија, проф. Д-р Марина Малиш-Саздовска од Факултетот за безбедност Скопје и Бојан Трпевски, Македонско здружение на млади правници Скопје. Настанот беше отворен со воведно обраќање на г-ѓа Викторија Аврамовска Мадиќ, Заменик Министер за Правда. Иако потврдено, свое обраќање и презентација требаше да има и г-дин Јован Андоновски, Заменик Народен Правобранител, но поради непредвидени итни обврски, мораше да го откаже своето присуство.
Обуката спроведена за време на работилницата им овозможи на сите засегнати страни подобро да ги претставуваат и заштитат правата за пристап на граѓаните до еколошката правда. Работилницата ги опфати следните теми:
- Презентација на националната правна рамка за животна средина
- Постоечки/тековни правни процедури, методи и правни лекови за пристап до еколошка правда
- Acquis, методи и практики на ЕУ – Омбудсман на ЕУ
- Правна лигислатива за животна средина во Унгарија (и постоечко законодавство)
- Методи и алатки за ефективно постапување по жалби и практични прашања за ефективна истрага
- Соработка меѓу Народниот правобранител и граѓанското општество и улогата на граѓанските организации и одговорноста пред граѓанското општество
- Дебата
- Донесување заклучоци за изработка на позиционен документ
Во последната сесија во рамките на работилницата, беа донесени заклучоци кои присутните се согласија да бидат предлози за вклучување во позициониот документ, кој ќе биде изработен во следниот период.
Оваа активност е дел од проектот ‘’Зелена претставка за еколошка правда“, поддржан од Механизмот за граѓанска отпорност на ЕУ (МГО), програма за директна поддршка на граѓанските организации започната во рамките на проектот финансиран од ЕУ: Tехничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во Република Северна Македонија.